30.6.09

Приказни од Македонија (1)

За да не го запустам блогов во текот на летото (додека ништо не се случува во ГУЦ), решив да ви раскажувам приказни за Македонија. Секако во нив има многу субјективизам, но не можам да избегам од него. Јас ја сакам МОЈАТА МАКЕДОНИЈА и таа љубов ќе биде претставена тука.
Првата приказна се вика:


СУДБИНА

Ѕевс - Илиј - Сонцето - Свети Илија - Илинден


Ѕевс (Зевс, Зеус) познат како врховен бог во грчката митологија всушност е врховниот бог на древните народи од Балканот.
Неговото име може да го поврземе со македонскиот збор ѕе – ѕиркање, што често го употребуваме кога си играме со малите дечиња. Така и богот Ѕе ѕиркал од небото и си поигрувал со луѓето.
Тој уште се среќева и како Деус (ден – сонце) или Деус патер (божји татко).
Познат е како громовник (кога ќе се налути пушта громови од небото).


Многу често во разни ликовни творби Ѕевс го гледаме во кочија со четири коња.


Богот Ѕевс бил врховен бог близок до Сонцето.

Во најстарите записи од Македонија забележуваме дека зборот ИЛИЈ (ИЛ, ИЉ, ИЉУ) означува СОНЦЕ. Сонцето кај древните Македонци го симболизира бог.
Вербата во Сонцето е забележлива и присутна во сите древномакедонски симболи а тие опстојуваат до денес.


Во Библијата пророкот Илија се појавува во 9. в.п.н.е. (токму во времето на поистоветувањето на Ѕевс со Илиј (Сонцето).

Исус го споменува Илија кога се наоѓа на крстот, а оние што го гледале мислеле дека го вика на помош (Зарем не е ова повикување на бог?). Потоа Илија се појавува и на денот на Исусовото воскреснување.
Многу интересно е тоа што на иконите Св.Илија го гледаме во речиси идентична позиција како Ѕевс - во кочија со четири коња. (Оваа фотографија е од српска црква и не е толку карактеристична, но во Музејот на Македонија има една икона на која не можете да препознаете за кого станува збор, дали за Ѕевс или за Илија - но за жал забрането е да се фотографира).





Св.Илија е исто така познат како громовник.

Зарем не ви личи дека ова е иста личност, само во друго време и друга религија?

И, ќе си речете каква врска има сето ова со Македонија?

Епа, има! Кој е најважниот и најпочитуваниот празник во Македонија - и верски и државен? Се разбира Илинден! Тој се празнува на 2.Август.

А токму на 2. август се случувале најзначајните настани за Македонија (и во древноста и во поблиската историја).

Токму на 2.август се случила битката кај Херонеја кога Филип и Александар Македонски ги згазиле нашите јужни соседи!

Токму на 2. август се кренало Илинденското востание!

Токму на 2. август се случило заседанието на АСНОМ кога е прогласена Македонската Република (1944), а на 2. август следната година македонскиот јазик е прогласен за официјален!

И што е ова? Зарем не е судбина?



26.6.09

Планови за одмор

Во училиште стивнува работата. Поминаа испитите од државната матура, поминаа и поправните испити, уште да помине уписот во понеделник и вторник, па ќе може да почнеме да размислуваме за одмор.
Моето мислење за одмор на некои места може да го видите тука, зашто на овој училиштен блог не е фер да си го кажувам сопственото мислење.
Сепак, не е лошо да погледнете што другите мислат за нас:
безбројно,
а понатаму изберете си сами...

23.6.09

Во Детско село

СОС Детското село во Скопје прославуваше 60 години од создавањето на првото детско село во светот (во Австрија).

Ние ја искористивме оваа пригода да ги однесеме подароците за нашите пријателчиња.


Прославата ја отвори директорката на селото, Виолета Георгиевска која им подели Благодарници на сите помагатели и донатори.
Примајќи ја Благодарницата, нашата директорка ги поздрави дечињата, ги покани да го продолжат образованието кај нас, каде ќе се грижиме за нив како за свои деца (што е карактеристика на нашето училиште) и нагласи дека нашето училиште е првото од Македонија кое влезе во Проектот за мир преку италијанските училишта.

Додека директорките се на бина, помошниците будно ги следат сите работи. Јуле (пом. дир. на Детско село) меѓу луѓето, јас (пом.дир. на ГУЦ) зад фото-апаратот (и зад компјутерот).


Еве го и Стево (со диреторката) кој ја направи претставата „Шмизла“ од која собравме средства за купување на подароците.





Убаво место, убави луѓе...




убави деца...





кои не се само „некои деца“, туку имаат свои имиња, свое детство кое треба да биде среќно...







На приредбата имаше вистински танчерски таленти. Браво!





И на крајот, гости беа близнаците Некст тајм.








кои беа вистинско задоволство за дечињата, но и за возрасните...










Колку би било убаво да има повеќе вакви села во Македонија и сите наши дечиња да имаат свој дом.




Не можев да одолеам и пред да си одиме морав да ѕирнам преку оградата во неолитското село „Тумба Маџари“ (каде ја пронајдоа убавата Голема мајка)... и ги видов работниците кои подготвуваат нова куќарка.

П.С. Еве врска со написот во весникот „Вечер“ на истата тема (и со слика од нас).

10.6.09

10 јуни

КООООНЕЧНО!
Заврши учебната година!
Завршија здодевните часови, страшните испрашувања, тестови, писмени работи...
Завршија и големите одмори, дружењето со клас, играњето на училишниот компјутер, бегањето од часови и пиењето кафиња по соседните кафулиња.
ГУЦ цело лето ќе биде како што беше денес попладне - празен!
















и запечен од жешкото скопско сонце...





Сепак, така е само за учениците од прва, втора и трета година.
За матурантите утре е тежок ден - се одржува првиот испит од државната матура: мајчин јазик и литература. Со среќа!










8.6.09

Отворен ден

Во дворот на нашето училиште денес (8. 6. 09) имаше Отворен ден. Се претставуваа струките кои ги има кај нас, вештините на нашите ученици, а сето тоа проследено со забавна програма.
Во Македонија не се масовно посетени ваквите настани иако ова е убава прилика идните ученици да се запознаат со средината во која ќе учат и созреваат.
За жал, предрасудите и „градските муабети“ го ставаат нашето училиште на место кое нас не навредува од проста причина што не е соодветно.
Откако во второто полугодие се активиравме и се појавувавме на сите можни настани ме навредуваа комплиментите што сите ни ги даваа: „Колку убави и паметни деца сте имале во ГУЦ“ (а што си мислеа луѓево?)

Овие убави девојки денес ги презентираа гимназиските подрачја и активностите што се случуваа изминатава учебна година.




Професорката Жанета го реконструираше штандот од МАССУМ (и им покажуваше на учениците како се прави тоа, додека тие „си ги клатеа нозете“)



Дарко демонстрираше како се прават конструкции од гипс картон (Кнауф).



Градежните струки се претставија со свои штандови.
Геодетите со своите скапи инструменти за мерење...


и проектите кои ги исцртуваат...



Архитектите на својот штанд ги претставија макетите изработени од учениците,




со проектите





нацртани од нашите уметнички души...



кои фотографираат, пеат, свират, сликаат и прават мозаици кои денес за првпат ги изложивме...











градежните техничари со мостовите, тунелите, патиштата...



(кои го уредија и мултимедијалниот штанд)


Директорката ги поздрави присутните и ги повика осмоодделенците да не се двоумат и да се запишат во нашето училиште каде освен на наставата, особено внимание им се посветува на воннаставните активности и на откривање на талентите кои ги поддржуваме.



За тоа време професорите плескајќи и на директорката се криеја од силното сонце под сенките на големите дрвја.










А бендот се собираше во другиот агол на дворот...




Од забавниот дел, први беа „Коза и Ѕвер“ од претставата „Шмизла“ кои во слободна верзија одглумија една сцена.









Со нас, на овој убав настан, беа и нашите поддржувачи...



и



На крај, нашиот бенд направи цел концерт...







Концертот го привлече вниманието на оние кои требаше да дојдат уште на почетокот...
(осмоодделенците кои влегуваат - во позадина).



Овој Отворен ден им беше посветен на учениците кои треба да се запишуваат во средно училиште, но испадна добар и како ден за најава на летниот распуст кој сите со нетрпение го очекуваме.