7.3.10

Стоичка школа

Во потрага по среќен живот се и филозофите од Стоичката школа. Таа се појавува во истиот период со Епикурејската (3 век пред наша ера), и е исто така долговечна, односно трае до ширењето на христијанството.
Се изделуваат три периоди на Стоичката школа: Стара, Средна и Доцна стоа.
Зенон од Китион (од островот Кипар) е основач на оваа школа. Тој, а и неговите први следбеници, Клеант и Хрисип, се со семитско потекло, па на оваа филозофија и даваат еден нов семитски правец. Како неформално место за собирање и ширење на неговата филозофија Зенон го избрал Шарениот трем (стоа) на атинскиот плоштад. (Инаку, трем е место каде што се стои, а сличноста на зборовите „стоа“ и „стои“ е случајна???)
Стоицизмот е свесно изграден и затворен филозофски систем кој ги опфаќа трите дисциплини: логика, физика и етика. Логиката се занимава со умот и разумот, физиката со природата, а целта на етиката е остварување среќен живот.
Во логиката, кај стоиците е интересен парадоксот на лажгото кој предизвикал многу расправии и објаснувања.
Имено, изразот гласи: „Епименид од Крит вели дека сите луѓе од Крит лажат“; дали тој кога го вели ова лаже или ја зборува вистината.
Ако Епименид од Крит зборува вистина, а вистината е дека сите од Крит лажат, тогаш и тој всушност лаже. Ако пак, лаже дека сите од Крит лажат, тогаш, значи ја зборуваат вистината, па и Епименид ја зборува вистината.
Колку оваа загатка ги преокупирала филозофите зборува фактот што Хрисип за неа напишал 28 книги за на крај да констатира дека тоа воопшто не е никаков израз, туку бесмислен звук. Денес, решението се бара во правењето разлика меѓу исказ и исказ за исказ.
Во однос на прашањето дали постои Бог, стоичката аргументација ја синтетизирал Цицерон, и таа се состои од следното:
- светот, особено небото, остава впечаток на некаков огромен усогласен механизам кој далеку ги надминува човековите можности;
- создавањето таков сложен и хармоничен свет по пат на случајност е неверојатно;
- светот изобилува со поволности за живот така што се отфрла помислата за спонтаност;
- светот е толку убав што далеку ги надминува можностите на некое ограничено смртно суштество;
- несовршеноста и неусогласеноста во светот се само привидни појави - поради наше неразбирање на нештата или поради неизбежен склоп на околности.
Стоиците човекот го сфаќаат како дел од светот поврзан не само телесно туку и со неговата душа. Сметаат дека човековата душа е едно парче од космичката душа.
Етиката е најразработениот и најпознатиот дел од стоичкото сфаќање, особено од доцниот период. И до ден-денес се употребува терминот „стоичко однесување“, а тоа подразбира повеќе елементи.
Пред сè, тука спаѓа нивната изрека „да се живее во согласност со себеси“, односно со својот разум и природата.
Во однос на доблеста, стоиците настојуваат да ги надминат личните мотиви и да им се даде предност на оние кои водат кон доброто на заедницата. Според нив, добро е: мудроста, храброста, размислата и правдата; а зло е: плиткоумноста, плашливоста, духовната зачмаеност и неправдата. Останатите работи се индиферентни (неопределени) каде спаѓаат: здравјето, богатството, сиромаштијата, убавината, моќта, физичката сила, славата, па дури животот или смртта. Всушност, слично на Сократ, тие сметаат дека само мудроста сама по себе е добро.
Стоичкото сфаќање на страстите е дека тие не се нешто пасивно, туку се еден вид движење и тоа ирационално движење на душата. Тоа се оние природни нагони во нас кои поради прекумерната сила можат да се изродат во нешто неприродно и неразумно. Во основа, се изделуваат 4 вида страсти: болка, задоволство, страв и желба.
Болката е неразумна тегоба на душата. Нејзини подвидови се зависта и љубомората.
Задоволството е возбуда на душата кога нешто и годи.
Стравот е неразумно очекување на нешто лошо. Се јавува како загриженост, срам и трема.
Желбата е неразумен порив и може да биде: злоба - желба да му се случи нешто лошо на друг; гнев - желба да се казни некој што ни направил неправда; љубов - да се стапи во блиски односи со некого.
Страстите се толкуваат како болести на душата. Според стоиците тие се резултат на лоша проценка, погрешно мислење (односно заблуда и незнаење).
Со постојана нега на душата, грижа за себеси можеме да ги совладуваме страстите со нивно подведување под контрола на разумот. Па така, од желбата разумот може да создаде волја, од задоволството - душевна ведрина, од стравот - претпазливост, а душевната болка треба да се отстрани од животот бидејќи е неразумна.
Стоичкиот мудрец е олицетворение на врвна среќа и блаженство зашто него страстите не го засегаат, а настаните околу себе ги прифаќа без возбуда. Тој е свесен за разликата меѓу надворешната и внатрешната слобода која се ограничува на она што е навистина наше и затоа само тој е слободен.
Стоицизмот има многу допирни точки со христијанството, поточно со семитските религии (еднобожечки - јудаизам, христијанство и ислам).
Основната сличност е во тоа што сметаат дека еден е Бог кој ја има целата сила, дека се е негово, дека луѓето доаѓаат од некаде, а потоа си одат повторно таму некаде. Односно, Бог му го дал животот на човекот и ред е тој повторно да му го врати.
Особено познати се филозофите од Доцната стоа (римски стоицизам): Сенека, Епиктет и Марк Аврелиј Антонин, чии животни приказни се исто толку интересни колку и филозофијата со која живееле.

No comments:

Post a Comment