22.3.10

Што е историја?

Пренесено од постар блог:

Историјата е збирка раскази.
Во минатото историчарот бил обичен „расказџија“ кој своите „факти“ не ги поткрепувал со никакви докази. Всушност, приказните што ги слушнал од своите предци тој си ги раскажал на свој начин, гледајќи од свој агол. Се разбира дека си го разубавувал делот за својата татковина, а го нагрдувал за непријателите.
Денес, божем, историчарите многу се разликуваат од оние во антиката. Така сега историјата е наука. Своите приказни модерните историчари ги поткрепуваат со безброј туѓи (стари) текстови (многу често и со пасуси извадени од контекст) и со артефакти.
Се разбира дека моето мислење за објективноста на историјата е негативно и затоа велам „божем“ се разликува од порано.
Да, се разликува, но во перфидноста и итрината на историчарите да си ги одберат „фактите“ кои им одат во прилог на тезата („историската вистина“) која ја докажуваат.
Погледнете, на пример, ист наслов од историја на Википедија на македонски и бугарски јазик. Иако се работи за иста територија и ист временски период - таму нема да најдете ниту слично толкување. Само имињата на луѓето се исти и ништо друго. Значи? Која е вистината? Каде е тука „науката“?
Затоа, според мене, историјата во ништо не се разликува од литературата и затоа јас ја восприемам како збирка раскази.
Историјата ја сочинуваат мигови од човечки животи, нивни блесоци, нивни остварени амбиции за надмоќ, освојување и асимилирање на туѓото.
Читајќи ја збирката раскази „Историја“ како можеме да го дефинираме времето? Што претставуваат таму 10, 100 или 1000 години? Најчесто времето е поделено во временски рамки од по 100 години - наречени 1 век. Од читателски аспект, 1 век е како 1 ден. Во зависност од возбудливоста на настаните во векот (денот), векот (денот) може да трае подолго, покусо или да биде прескокнат ако во тој ден не се случило ништо интересно. На пример, во македонската збирка раскази „Историја“ периодот на владеење на Отоманската Империја иако траел 500 години - опишан е како 1 ден (до 2).
Ајде да ја разгледуваме македонската историја и историјата на соседите во размер 100 : 1 (100 години - 1 ден). Појавата на Македонија како држава (а подоцна како „територија“), појавата на Бугарија, Грција, Албанија, нивното владеење со Македонија...
Македонија постоела многу пред сите соседи. Од 700 г.п.н.е. до потпаѓањето под Римската Империја постоела како самостојна држава (8 дена). Под Римската Империја поширока територија е наречена Македонија што сигурно се должи на угледот на Македонија (нејзината историја, односно заради Империјата на Александар). Истото се случува и подоцна со поделбата на Римското Царство. Односно ниту во Византија Македонија не го загубила угледот и територијата и понатаму се вика Македонија (+ 5 дена). Тогаш на сцената настапуваат туркско-татарските племиња наречени прабугари кои покоруваат дел од словенските племиња и ја создаваат Бугарската држава. Тие денес се прават дека се исконот на словенството!?! (смешки). Ширејќи се кон југ Бугарската држава ја потиснува македонската „територија“. Но, таа и понатаму егзистира на сите карти од Византија. Бугарија оттогаш, со прекини егзистира до денешни денови (за бугарската историја во следниот пост). Тоа се 13 дена и 8 дена подоцна од Македонија.
Во исто време и „територијата“ Македонија егзистира иако се наоѓа под окупација. Кусо време под Бугарија, а потоа под Отоманската Империја, во чии граници влегува и Бугарија и целиот Балкан и половина Европа.
(Не ми е јасно зошто другите смеат, а ние не, да го броиме историското време кога се наоѓаме под туѓа окупација.)
Балканските војни се многу кобни за мојата татковина, но „територијата“ и понатаму сите ја нарекуваат Македонија.
Пред Балканските војни, 1828 големите сили (Англија, Франција и Русија) решаваат од териториите јужно од Македонија да направат држава. Таму владеат англиски кралеви додека не им овозможат на „ромејците“ да се консолидираат и да станат вакви какви што се денес (заштитени мечки). ( Мала дигресија... многу ми се допадна дел од текстот на Горан Михајловски во „Сакам да кажам“ (Вест): Грчки неонацисти агресивно се обидоа да спречат промоција на речник во прес-центарот на Атина. Да се случеше тоа кај нас, ќе моравме сите колективно да се самоубиеме. Оти и ЕУ и ОБСЕ и разни хелсиншки комитети, неброени организации за човекови права и за развој на демократија и независни домашни интелектуалци ќе ни се качеа на глава и ќе нè столчеа.
Ама бидејќи тоа се случи во колепката на демократијата, си молчат и ќе продолжат да си ја лулаат. ) - така било, така е! (За грчката историја ќе пишувам во некој од следните постови).
Ако броиме во денови Грција постои 3 дена. Териториите кои „ги обединила“ навистина се од античко време. И не дај Боже од такво обединување! Зашто тие упорно сакаат да ја обединат и Македонија, но освен со сила, асимилација и промена на имињата (на луѓето и топонимите) нивната демократија не би имала успех.
Албанија, пак, е да и симнеш капа. Решава да се осамостои и не прашува жива сила! Постои 2 дена. Опасно постоење! (за Албанија ќе пишувам по Грција)
Значи, ако броиме според моите денови: Македонија живее 21 ден; Бугарија 13; Грција 3 и Албанија 2.
Територии, држави, нации - сето тоа е измислица на современата историја за да се оправдаат нечии интереси.

No comments:

Post a Comment