22.3.10

Создавање империи

Пренесено од постар блог:

Нешто исконско го тера човекот постојано да сака да има повеќе отколку што му е потребно, да таложи богатство кое не ќе може да го искористи, да го посакува туѓото и да биде надмоќен (над сите други)! Цивилизираниот човек се труди да ја совлада, да ја потисне оваа потреба и да ја стави во границите на нормалното. Но, ако му се пружи можност, односно ако дојде во таква позиција, мислам дека не постои човек кој ќе и одолее на приликата. Тогаш цивилизираноста престанува и победува желбата за власт.

Оваа индивидуална потреба на човекот често прераснува во колективна ако на чело од колективот застане човек со несовладлива потреба за освојување. Токму заради ова низ целата историја се создавале империи.
Во евро-азискиот простор во минатото најзначајни биле: Персиската Империја, Македонската Империја, Римската Империја (и Византија) и Отоманската Империја.
Во поново време империите имаат малку пософистициран изглед. Прво, во форма на Федерации (Руска и Американска), а денес во Унии (Европска Унија) или како воени сили (Варшавски пакт и НАТО).
И во минатото и денес империите ги сочинуваат многу помали области, територии, теми или држави. Ги обединува заеднички закон (устав) и заеднички данок за напредок на империјата. Централистичката власт (во рацете на само еден човек) во минатото, денес е поделена на неколкумина (не повеќе од четворица). Има уште една, малку чудна разлика од минатото и денес. Порано „териториите“ биле освојувани со сила, а денес самите молат да влезат во империјата.

No comments:

Post a Comment